Граѓанската обврзница претставува долгорочна државна хартија од вредност која има за цел да ја поттикне инвестициската активност и да им донесе принос на граѓаните, но истовремено и да влијае врз понатамошното развивање на пазарот на капитал во земјата. Овие обврзници се со купонска стапка од 5% и времетраење од две години, што дава можност да се заработи камата на вложените средства.
Држaвните хартии од вредност насекаде низ светот се сметаат за безризични финансиски инструменти, односно кај инвеститорите се познати како најсигурни инвестиции. Тие немаат за цел да ги заменат штедните влогови или другите хартии од вредност, туку да ја надополнат понудата за потенцијалните инвеститори. Поентата е да се понудат нови можности на граѓаните за инвестирање на финансискиот пазар, можности коишто се вообичаени во повеќето економии во светот.
Кој ја издава граѓанската обврзница?
По одлука на Министерството за финансии на Република Северна Македонија, новите граѓански обврзници се достапни за граѓаните од 30 јуни до 12 јули, 2023 година. Издавањето на граѓанската обврзница е стратешка одлука на Владата на РСМ, која е дел од долгорочните Стратегии за Развој на финансискиот пазар и Стратегијата за управување со јавниот долг, но е дел и од Планот за забрзување на економскиот раст на земјата.
Преку инвестирање на готовинските заштеди во граѓански обврзници се мобилизира банкарскиот систем, а се намалува готовината во оптек, што е еден од начините на сузбивање на сивата економија и со тоа целосно почитување на постојните законски прописи и меѓународни стандарди за заштита од перење пари.
Како функционира граѓанската обврзница?
Граѓанската обврзница претставува безризичен финансиски документ со рочност на две години, кој е гарантиран од државата и кој им дава можност на граѓаните своите слободни средства да ги инвестираат во развојни државни проекти, со фиксна купонска стапка од 5%.
Обврзниците имаат купонска камата, што значи дека секоја година на вложената сума ќе биде исплатена фиксната камата од 5%, додека на истекот на рокот ќе биде вратена и вложената главнина, односно износот уплатен од страна на корисникот. Минималниот износ за инвестирање изнесува 10.000 денари.
