Македонија

Што точно се случило? – Кахремани признава дека добивал закани, но не од Биљал Касами

Имало закани по живот кон пратеникот на Алтернатива, Неџмедин Кахремани, откри синоќа во „Клик Плус“ претседателот на ДПА, Мендух Тачи, додавајќи дека за ова, помош му побарал издавачот на Логос-А, Аднан Исмаили, кого пак, сега го обвинува за сомнителни пари од Исток.

„Рече – му се заканувале на Неџмедин и неговиот син со ликвидација. Му реков – не е можно Аднан, ова не може да се случува… Го прашав од кого? Ми рече: Биљал. Му реков: Како? Кој? Биљал? Не…, му реков, остави…. го земав докторот, тој е сведок“, вели Мендух Тачи, претседател на ДПА.

Пратеникот Неџмедин Кахремани, кој по професија е доктор, призна дека тој и неговото семејство добивале закани, но не директно од претседателот на Беса, Биљал Касами.

Пред камерата на ТВ21, откри дека тоа се случило на почетокот на 2018-тата, кога Беса се поделила на две фракции, додавајќи дека нејзини членови побарале тој да биде дел од крилото на Касами и да не оди кај Африм Гаши, кој денеска раководи со партијата Алтернатива.

Новинар ТВ21: Кој ви се заканувал директно?

Неџмедин Кахремани: Директно преку телефон, членови на Беса, членови на Биљал, особено еден од нив кој беше претседател на огранокот во Тетово.

Новинар ТВ21: Значи господинот Касами директно Ви се нема заканувано?

Неџмедин Кахремани: Не, ми се нема заканувано.

Кахремани потврдува дека по средбата на Тачи со издавачот Исмаили, ситуацијата се смирила. Сепак од Беса негираат дека имало закани. Претседателот на огранокот на Беса во Тетово, Газменд Алиу, кого го спомна Кахремани, не прифати да се произнесе за случајот, само рече дека ставот на партијата ќе го изнесе генералниот секретар. Аријанит Хоџа негира дека станува збор за закани, додавајќи дека во структурите на Беса нема такви луѓе.

„Оние кои можеле да контактираат со пратеникот Кахремани, се оние кои беа дел од штабот и кои му ја подготвувале кампањата на пратеникот и сигурно му побарале сметка што ќе се случи со мандатот на Движењето Беса. Но, со целосно убедување можам да гарантирам дека во никаква форма, од ниту еден функционер на Движење Беса или партиски експонент немало никаков вид закана, бидејќи Движењето Беса не функционира на таков начин“, истакна Аријанит Хоџа, Генерален секретар на Движење Беса.

Но, и покрај негирањата на Беса, пратеникот Кахремани вели дека кога во 2018-та добил закани, случајот го пријавил кај органите на редот, но досега, како што тврди, не добил никаков одговор.
За случајот прашавме и во Обвинителство, од каде, одговарајќи на изјавите на Тачи дадени во „Клик Плус“,рекоа дека ги следат сите информации и дека ќе постапат доколку утврдат елементи на кривично дело.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни