Жителите на едно село на островот Тасос во северниот дел на Егејското Море мораа да се евакуираат бидејќи големиот шумски пожар што избувна синоќа во борова шума во источниот дел на островот продолжува да беснее, објави „Катимерини“.
Рано утринава жителите на Кинира добиле порака преку итниот број 112 да се евакуираат во селото Лименарија.
Пожарот започнал во тешко пристапно подрачје на планината веднаш по стемнувањето, што го оневозможувало полетувањето на противпожарните авиони.
Претходно денеска противпожарната служба ги зголеми силите, испраќајќи 102 пожарникари со 33 возила и уште пет екипи пеш да го гаснат пожарот. Мобилизиран е и армиски персонал и доброволци.
Според некои информации, двајца пожарникари волонтери биле повредени во нозете од паѓање на дрво и добиле третман во локалниот здравствен дом.