Познатиот актер Арнолд Шварценегер во интервју за „Индепендент“ го истакна своето мислење за лицата кои одбиваат да се придржуваат кон мерките кои имаат за цел спречување на ширењето на коронавирусот.
Тој вели дека иако имаат слобода да не носат маска, сепак треба да ги чуваат оние кои се наоѓаат околу нив и повторно апелираше сите лица да се вакцинираат, да држат дистанца и да носат заштитни маски.
„Вирусот е тука, убива луѓе и единствениот начин да се ослободиме од него е со вакцинација, носење маски и дистанца. Треба постојано да ги миеме рацете, а не да мислиме дека нашата слобода сега е загрозена“, вели Шварценегер .
Тој додава дека луѓето не можат да прават што сакаат доколку тоа влијае на другите, па ги спореди „корона правилата“ со правилата во сообраќајот.
„Поставуваме семафори за некој да не убие некого во несреќа, не можете да кажете дека нема да застанете на црвено светло, бидејќи тогаш некого ќе убиете“, порача тој.
Сепак ова негово изјаснување, додека некои се согласија со него, кај многумина предизвика и револт поради тоа што, како што велат, ги разочарал и имал политички намери.
