Македонија

Сиљановска-Давкова: Една изборна единица ќе обезбеди еднаква тежина на гласот

Сиљановска-Давкова: Една изборна единица ќе обезбеди еднаква тежина на гласот

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека воведувањето една изборна единица во земјава би било добро решение, бидејќи, како што вели, секој глас треба да има еднаква тежина.

Во интервју за телевизија „Канал 5“, таа посочи дека иако овој модел се применува во мал број држави, сепак може да биде соодветен и за Македонија.

„Иако е ретко решение, дали го има во две или три држави, сепак добро е да го има кај нас затоа што во различни изборни единици со различен број гласови се победува. Гласот треба да има иста тежина“, изјави Сиљановска-Давкова.

Осврнувајќи се на гласањето на дијаспората, претседателката оцени дека сегашното законско решение создава нееднаквост. Според неа, избирачкото право е поврзано со државјанството и не треба да постојат ограничувања за македонските државјани кои живеат надвор од земјата.

Таа посочи дека голем број држави во светот им овозможуваат на своите иселеници да гласаат, најчесто преку електронско гласање или гласање по пошта, бидејќи организирањето гласање во дипломатско-конзуларните претставништва е тешко и ограничено.

Во однос на критиките од опозицијата дека електронското гласање може да отвори простор за изборни злоупотреби, Сиљановска-Давкова потсети на електронската регистрација при пописот и оцени дека тогаш биле применети слични принципи.

„Опозицијата овозможи регистрирање по електронски пат на попис, што беше непознат феномен“, рече претседателката.

Таа смета дека за промените во Изборниот законик е потребен широк политички консензус, особено за прашањата како платеното политичко рекламирање.

Говорејќи за техничката влада, Сиљановска-Давкова оцени дека моделот што постоел во Македонија бил партиски и не ја исполнувал целта за која е наменет.

Според неа, потребен е модел сличен на оној во Бугарија, Грција и Италија, каде техничките влади имаат задача да обезбедат фер и демократски изборен процес без партиско влијание.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни