Свет

Силен земјотрес со магнитуда од 5,9 го погоди Јужниот Остров на Нов Зеланд; краткотрајното предупредување за цунами е укинато

Силен земјотрес со магнитуда од 5,9 го погоди Јужниот Остров на Нов Зеланд; краткотрајното предупредување за цунами е укинато

Силен земјотрес со магнитуда од 5,9 беше регистриран денес во близина на градот Те Анау на Јужниот Остров на Нов Зеланд, при што зградите беа разнишани, а властите накратко издадоа предупредување за опасност од цунами, пренесе Ројтерс.

Трусот се случи во 21:14 часот по локално време, со епицентар на околу 40 километри северно од Те Анау, кој е главна појдовна точка за туристите што го посетуваат регионот Фјордленд, соопшти Националната агенција за управување со вонредни состојби на Нов Зеланд. Засега нема пријави за повредени или материјална штета.

Агенцијата првично соопшти дека магнитудата изнесува 6,3, по што податокот беше коригиран на 5,9. Иако предупредувањето за цунами беше укинато, властите наведоа дека се очекуваат силни и необични струи и непредвидливи бранови долж брегот.

Граѓаните беа повикани да излезат од водата, да ги напуштат плажите и да се држат подалеку од пристаништа, јахтени пристаништа и реки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни