Свет

Силен земјотрес во Авганистан: Најмалку 20 загинати и 320 повредени, оштетена Сината џамија во Мазар-е-Шариф

Силен земјотрес во Авганистан: Најмалку 20 загинати и 320 повредени, оштетена Сината џамија во Мазар-е-Шариф

Најмалку 20 лица загинаа, а 320 се повредени во силниот земјотрес што синоќa го погоди северниот дел на Авганистан, соопшти тамошното Министерство за здравство, објавувајќи нов биланс на жртвите.

„Во провинциите Балк и Саманган загинаа 20 лица, а 320 се повредени“, изјави за новинарите портпаролот на Министерството за здравство, Шафарат Заман, кој нагласи дека ова е само привремен биланс.

Земјотресот се случил синоќа околу 20:30 часот по средноевропско време. Според Американскиот геолошки институт (УСГС), епицентарот бил во Холм, во провинцијата Саманган, во близина на градот Мазар-е-Шариф. Потресот е регистриран на длабочина од 28 километри.

Локалните медиуми јавуваат дека во земјотресот е оштетена и познатата Сина џамија во Мазар-е-Шариф, која датира од 15 век. Според извештаите, камења се откинале од импозантната зграда, која е украсена со блескави плочки, а оштетувања се видливи особено на минарињата.

Потресот бил толку силен што се почувствувал во текот на ноќта дури и во главниот град Кабул.

Авганистан често е погоден од земјотреси, особено во планинскиот венец Хиндукуш, кој се наоѓа близу спојот на евроазиската и индиската тектонска плоча.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни