Претседателката Гордана Силјановска-Давкова упати сочувство до бугарската претседателка Илијана Јотова, семејствата на загинатите и граѓаните на Бугарија по трагичниот верижен судир кај Зимница, на автопатот „Тракија“.
Во објава на социјалната мрежа X, Силјановска-Давкова изрази длабока потресеност од несреќата, во која, како што наведува, се загубени голем број човечки животи, а најмалку 48 лица се повредени.
„Упатувам искрено сочувство до претседателката Илијана Јотова, до семејствата што ги загубија своите најблиски и до народот на Бугарија“, напиша Силјановска-Давкова.
Претседателката изрази солидарност со сите погодени од трагедијата и им посака закрепнување на повредените.
„Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија. На повредените им посакувам сила и целосно и брзо закрепнување“, порача таа.