Преписки и меѓупартиски реакции за заслугите за Албанскиот театар во Скопје. По фотографирањет на вицепремиерот Бујар Османи во театарот каде го напиша познатиот слоган на ДУИ – Речено, сторено!, реагираше Алтернатива. Скендер Реџепи – Зејди рече дека Алтернатива постигнала за една и пол година да го реновира театарот во Скопје, нешто што ДУИ не успеала со години.
„Не е прв пат функционери на ДУИ да ги злоупотребат туѓите успеси за нивни дневно политички потреби. Имаа многу време ДУИ да го реновираат албанскиот театар, оваа лулка на албанската култура, но ете немаа време бидејќи беа зафатени со нивните лични интереси. За една и пол година владеење на Алтернатива, над 50% од работите се реализирани, што зборува доволно за нашиот придонес.“, рече Реџепи-Зејди.
Актерот Илбер Муртези, смета дека овие конфликти се на штета на актерите и публиката. Доколку Бујар вели Речено, сторено, Муртези, вели, Речено, не сторено.
„Цела оваа голгота од 2013 до сега, 2019, бидејќи секое Речено, не е сторено, и верувам дека се во прашање недели додека се отвори овој објект. Ако некој допринел за забрзување на работата и изградбата на театарот, ова јавно го кажувам, тоа е Илбер Муртези кој изврши притисок низ медиумите, за што побрзо да се изгради овој театар и лично екс министерот за култура, Асаф Адеми презема иницијатива и го посети театарот, за оваа работа да се заврши што побрзо. Не излегува во медиумите тој што реално ја заврши работата, а тоа екс министерот Асаф Адеми, туку излегува некој друг, како вицепремиерот и се слика во театарот.“, рече Муртези.
Според директорот на Албанскиот театар, Адем Карага, ова прашање не треба да се политизира и вели дека оваа битка е несфатлива.
„Ние не им припаѓаме на овие кои војуваат, театарот и припаѓа на публиката и љубителите на уметноста. Јас не сакам да се мешам во оваа војна која според мене е несфатлива. Инсистиравме многу за датум. Инсистиравме со години. Ви кажав дека чекаме официјално од надлежните органи да се изврши примо предавање, бидејќи не сакаме утре да бидеме ставени пред одговорности кои им припаѓаат на компетенти лица и планови за одржувањето на работата на овој театар.“, вели Карага.
Но потпретседателот на СДСМ ги смирува сите велејќи дека ова се заслуги на Владата на чело со Зоран Заев.
„Друга работа што ме иритираше во јавноста овие денови се и пофалбите на вицепремиерот Османи, со Албанскиот театар и една народна поговорка вели “со тоа што козата се гордее, овцата се срами“, изјави Мухамед Зеќири.
Почетокот на реконструкцијата на Албанскиот театар почна во јануари 2014, во присуство на екс премиерот во бегство, Никола Груевски, вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор, Муса Џафери и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска. “За таа цел, Владата додели околу 500 милиони денари или околу 8 милиони евра со кои би се реализирал најголемиот проект од основањето на Албанскиот театар во Македонија. И по 5 години иако работите завршија, Театарот во Скопје се уште не е официјално пуштен во употреба.