Србите повторно се собираат во близина на општинските згради на северот од Косово каде што се спречени да работат откако специјалните сили на косовската полиција ги окупираа тие згради. Кфор се уште се наоѓа во непосредна близина на општинската зграда и на сите приоди кон Звечан.
Србите бараат претседателите на општините кои се Албанци да не влегуваат во службените згради, специјалните полицајци да ги напуштат, а уапсените Радош Петровиќ и Душан Обреновиќ да бидат ослободени, пренесе РТС.
За да се смири ситуацијата, Европската унија и САД бараат од Приштина да се одржат нови избори, учество на Србите на нив и формирање на Заедница на српски општини.
Белата куќа го повика Белград да ги повлече вооружените сили распоредени во близина на административната линија и да го намали нивото на борбена готовност, а Приштина да им дозволи на новоизбраните претседатели на општините да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации и да ги повлече полициските сили од општински згради.
Командантот на КФОР Ангело Микеле Ристуца го критикуваше Аљбин Курти за назначувањето албански градоначалници на северот на Косово и рече дека мисијата на НАТО не може да се користи како чадор за еднострани акции и дека без неа северот на Косово ќе биде „уште едно жариште на војната“.
