СЈО со две нови обвиненија за „ТАЛИР“, Груевски преку ВМРО-ДПМНЕ „испрал“ неколку милиони евра

СЈО до Кривичен суд поднесе два обвинителни акти како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „ТАЛИР“. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а вториот на незаконска изградба на партиското седиште, познато како „Белата палата“.

„Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против шест физички лица и едно правно лице и тоа: Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска и правното лице политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ за сторено кривично дело Перење пари и други приноси“ – СЈО, случај „ТАЛИР“.

Како дел од ова обвинение, СЈО  бара мерка притвор за Никола Груевски, на кој му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за ВМРО-ДПМНЕ.

Според СЈО, обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата кои ги дале, односно не ги уплатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно законот. Со тоа, според СЈО, на незаконски начин прибрал средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 4.6 милиони евра.

„Во периодот од 2011 до 2015 година обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај“ – СЈО, случај „ТАЛИР“.

Според обвинението, како овластени потписници на сметките, Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, потоа со овие средства купувале недвижен имот на име на ВМРО-ДПМНЕ. Второто обвинение се однесува на изградбата на партиското седиште. Според СЈО, иако компанијата ДГ Бетон АД Скопје имала законски ограничувања, било овозможено да ја гради „Белата Палата“, а во периодот од 2011 до 2012 истата компанија добила проекти од државни органи, јавни претпријатија чии директори се членови на ВМРО-ДПМНЕ, но и од неколку општини. При изградбата на партиското седиште, инвестицијата на ВМРО-ДПМНЕ била 815 илјади евра, додека целата инвестициска вредност е околу 6,2 милиони. Сепак, во истиот период ДГ Бетон уплатува 2,1 милион евра, како вложувања на ВМРО-ДПМНЕ. На барање на СЈО во октомври месец судот донесе одлука да замрзне поголем дел на недвижен имот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои е и партиското седиште.

Репортер: Аднан Ќаили

Извор: ТВ21