Балкан

Скандал во албанскиот Парламент: Пратеник обвинет за кражба на доверливи документи, службеничка додека го бркаше падна по скалите

Скандал во албанскиот Парламент: Пратеник обвинет за кражба на доверливи документи, службеничка додека го бркаше падна по скалите

Албанскиот пратеник и лидер на партијата „Можност“, Агрон Шехај, се најде во центарот на голем скандал откако беше обвинет дека украл доверливи документи од собраниска канцеларија за време на пленарна седница.

Станува збор за нацрт-договор за заем од 302 милиони долари од САД. Инцидентот добил драматичен тек кога собраниска службеничка се обидела да го спречи пратеникот, при што паднала по скалите во законодавниот дом, настан што бил целосно снимен од надзорните камери, јавуваат албанските медиуми.

Веднаш по инцидентот, претседателот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Тауљант Бала, побара итно лишување од слобода за Шехај. Тој директно го обвини опозицискиот пратеник за нелегално одземање на официјални документи и за физичка агресија врз вработена во администрацијата.

„Агрон Шехај мора да биде уапсен за кршење на законот. Човекот кој крадеше лични податоци на Албанците, сега почна да краде и парламентарни документи. Кога ви недостасуваат аргументи, ви преостануваат само очајот и кражбата на доверливи акти. Агресијата врз административен службеник е тешко кривично дело“, изјави Бала.

Премиерот Еди Рама исто така реагираше жестоко, споделувајќи ја видеоснимката од инцидентот на социјалните мрежи и упатувајќи јавен повик до Обвинителството под итно да постапи според своите законски надлежности. На снимката јасно се гледа како службеничката, трчајќи по пратеникот Шехај, ја губи рамнотежата и паѓа по мермерните скали.

„Се надевам дека Обвинителството ќе му го покаже со закон дефинираното место на овој омразен крадец. Истовремено, изразувам длабоко жалење за невината девојка. Фала му на Бога што се извлече без посериозни повреди при паничното трчање по крадецот“, напиша Рама.

Од друга страна, пратеникот Агрон Шехај најостро ја демантираше верзијата на власта за наводна кражба. Тој појасни дека документот го зел единствено за да го прочита, следејќи ги претходните упатства од претседателот на Собранието, Нико Пелеши, по што уредно го вратил во истата канцеларија.

„Што се однесува до обвинувањата за договорот, самите видовте дека претседателот на Парламентот им порача на пратениците кои реагираа дека документот можат да го најдат во блиската канцеларија. Тој во ниту еден момент не рече дека не смееме да го земеме. Отидов таму, потпишав изјава за нераспространување на договорот и си заминав. Во ова Собрание постојано нè притискаат за многу работи, дури нè замолуваат и да не се појавуваме во салата кога Рама е присутен“, изјави Шехај во своја одбрана.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни