Македонија

Скандалозни наоди во ИЈЗ: ДКСК отвори предмет за кабелот од 15.000 евра, фантомските вработени и купувањето набавки со двојни цени

Скандалозни наоди во ИЈЗ: ДКСК отвори предмет за кабелот од 15.000 евра, фантомските вработени и купувањето набавки со двојни цени

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) по сопствена иницијатива отвори предмет за работењето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), по шокантниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Од Антикорупциска соопштија дека целта е да се проверат ризиците од корупција, судир на интереси и злоупотреба на службената положба.

Во ревизорскиот извештај се нотирани низа сериозни прекршувања на законот и нерационално трошење на буџетските пари во периодот пред доаѓањето на актуелното раководство:

  • Спорни телекомуникациски договори: Наместо предвидените 80.000 денари, за вакви услуги биле исплатени дури 1,5 милиони денари.
  • Мистериозни набавки: Набавен е кабел долг 15 километри во вредност од 15.000 евра, за кој воопшто не се знае каде завршил.
  • Технолошки измами: Плаќани се електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) со високи перформанси, а биле испорачувани уреди со значително послаби технолошки спецификации.
  • Издавање простор: Дел од објектот на ИЈЗ незаконски бил издаван на приватна пекарница.

Енормни бонуси за „чистење двор“ и купување гласови со плати Актуелната директорка на ИЈЗ, Марија Андоновска, на прес-конференција потврди дел од наодите и побара итна реакција од Јавното обвинителство. Таа откри дека по преземањето на функцијата затекнала хаос – немало евиденција за реагенси, се склучувале договори на дело со веќе вработени лица, а се исплаќале и нереални бонуси.

„Некои од луѓето примале плата, а воопшто не доаѓале на работа. Нивни колеги ги евидентирале, а за возврат добивале пари. Исто така, одредени вработени добивале додатоци на плата од 44 до 88 илјади денари за активности како архивска граѓа или чистење двор“, изјави Андоновска.

Директорката потенцираше дека најголемиот дел од овие аномалии веќе се надминати и апелираше јавноста да не ги става сите вработени во ИЈЗ „во ист кош“, бидејќи во институцијата има врвни професионалци кои чесно си ја вршат работата. Од ДКСК најавуваат дека по собирањето на комплетната документација, соодветно ќе ја информираат јавноста за следните чекори.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни