Ова е тајната состојка на спомениците од проектот Скопје 2014. Направени од стиропор и тенок слој на цемент што лесно се крши, не е чудно што само по неколку години, материјалите зад овој градежен зафат сведочат за својот квалитет.
Пред неколку дена, „Бикот“,на улица Македонија во центарот на Скопје остана без опашката. Истата била пронајдена скршена, но никој не реагираше за ваквиот вандализам.
Од министерството за култура, ресорот надлежен за проектот Скопје 2014, ни одговорија дека досега нема поднесено кривични пријави за оштетувањето на спомениците.
„Одговорност за оштетувања дури и за споменици и скулптури кои се заштитени како културно наследство досега нема, освен за зградата на Министерството за култура, кога беше покрената кривична пријава поради т.н оштетување со боја при одвивањето на Шарената револуција. Така што, ниту за евентуални оштетувања на овие т.н. скулптури нема поднесено кривични пријави“ – Министерство за култура
Инаку, Скопје пред десетина дена најави дека ќе се кандидира за Европска престолнина на културата за 2028 година, а проектот Скопје 2014 година, ќе биде дел од стратегијата.
Изградбата на проектот официјално беше претставена од тогашната Влада во 2010 година, кога беа промовирани 40 проекти. Сепак до 2017 година се реализираа вкупно 137 објекти, од кои 34 се споменици, а 39 скулптури. Со тоа, првично проектираните 80 милиони евра за изградба, пораснаа на повеќе од 700 милиони евра.
Репортер: Данче Азманова
