Слеп патник преживеал 11 часа лет во тркалото

Холандската полиција соопшти дека пронашла жив слеп патник во делот на авионот каде што се наоѓа тркалото, кој слетал на амстердамскиот аеродром Шифол од Јужна Африка.

Летовите од Јоханесбург до Амстердам траат околу 11 часа, а се верува дека товарниот авион имал едно застанување, во Најроби, Кенија.

Многу е невообичаено слепите патници на долгите летови да преживеат поради студот и слабиот кислород на големите височини.

Возраста и националноста на мажот се уште не се утврдени, велат од полицијата.

„Човекот е пронајден жив во предниот дел на авионот и е пренесен во болница во стабилна состојба“, изјави портпаролката на холандската кралска воена полиција, Џоана Хелмондс за АФП.

„Прилично е неверојатно што човекот е сè уште жив“, додаде таа.

Според холандската телевизија НОС, мажот имал треска и додека да дојде брзата помош, тој можел да одговори на основните прашања.

Портпаролот на карго превозникот „Карголукс“ потврди за Ројтерс дека слепиот патник бил на лет со кој управувала Карголукс Италија.

Според податоците на летот, единствениот карго лет на Карголукс од Јоханесбург до Шифол во неделата исто така запрел во Најроби. Не е познато дали мажот се качил во авионот во Јужна Африка или Кенија.