Словенија стана првата европска земја што официјално го забрани извозот, увозот и транзитот на оружје и воена опрема до, од и преку територијата на Израел. Одлуката беше донесена на владина седница одржана во четврток, а премиерот Роберт Голоб рече дека Словенија „не може да чека неодлучна Европска Унија“.
„Моравме да дејствуваме сами. Луѓе во Газа умираат додека меѓународната заедница се двоуми. Словенија нема да биде тивок набљудувач“, рече Голоб, како што објави Словенечката новинска агенција (СТА).
Со оваа одлука, Словенија забранува:
секаков облик на извоз на оружје и воена опрема во Израел
увоз од Израел
транзит низ нејзина територија
Владата потсети дека од октомври 2023 година не издала ниту една дозвола за извоз на оружје поради војната во Газа, но дека сега одлучила да ја формализира и прошири мерката, бидејќи „ЕУ не успеа да усвои унифициран став“.
Оваа одлука доаѓа само две недели откако Словенија им забрани влез на двајца израелски министри – Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрих – кои ги прогласи за персона нон грата за изјави кои, како што е наведено, „повикуваат на геноцид и кршење на човековите права на Палестинците“.
Во јуни оваа година, Словенија официјално ја призна Државата Палестина, придружувајќи им се на Ирска, Норвешка и Шпанија, кои претходно го презедоа истиот чекор.
Словенечката влада вели дека ембаргото е јасен сигнал против неказнето насилство, но и порака од ЕУ дека „времето на колективно молчење мора да заврши“.
Со овој чекор, Словенија го зазеде најсуровиот став во Европа кон израелската политика во Појасот Газа, а нејзиниот став веќе предизвикува одгласи во европските дипломатски кругови.
