Словенија и подари на Украина 35 оклопни транспортери БВП М80А, произведени во поранешна Југославија, информира словенечката телевизија ПОП-ТВ.
Овие борбени возила на пешадијата веќе се испратени со воз преку Полска во Украина.
Беа потребни неколку недели за овие машини, произведени пред неколку децении, повторно да станат употребливи, соопшти телевизијата.
Освен тоа, одлуката на Унгарија да не дозволи транспортирање на оружје во Украина преку нејзина територија го одложи транспортот на оклопни транспортери.
За возврат за донацијата, Љубљана ќе добие компензација за набавка на опрема за словенечката армија според договорот со САД.
Договорот предвидува Словенија да добие средства од Вашингтон за купување оружје и опрема за словенечката армија во вредност поголема од опремата испратена во Украина.
Министерот за одбрана Маријан Шарец рече дека Словенија со оваа донација го исполнила ветувањето за Украина дека ќе и помогне да се одбрани од рускиот агресор.
Според Шарец, Словенија претходно и донирала оружје, шлемови и друга опрема на Украина, а сега повеќе ќе се фокусира на други форми на помош, вклучително и деминирање и помош за повоената реконструкција на Украина.
