Македонија

Службен весник ги објави Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Договорот од Преспа

– Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ во број 7 од 14.1.2019 ги објави Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и Законот за употреба на јазиците. Двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување), соопшти денеска ЈП „Службен весник на Република Македонија“.

Согласно со тоа, се наведува во соопштението, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Од ЈП „Службен весник на Република Македонија“ наведуваат дека претпријатието е професионално и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед, како и дека за секој обид за нарушување на угледот ќе биде поведена соодветна судска постапка.

 

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни