Смртен случај од Конго-кримска хеморагична треска во Грција – потврден вирус со висока смртност

Во грчката општина Еласона, во областа Лариса, е регистриран смртен случај од Конго-кримска хеморагична треска, соопшти Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ). Починатиот е маж на возраст над 70 години кој бил хоспитализиран со тешка клиничка слика.

Од ЕОДИ објаснуваат дека оваа сериозна заразна болест се пренесува преку заразени крлежи или преку контакт со крв, телесни течности или ткива од инфицирани животни или луѓе. Животните може да го носат вирусот неколку дена без симптоми, но во тој период можат да заразат крлежи кои потоа го пренесуваат вирусот на други животни или на луѓе.

Симптомите се појавуваат од 1 до 14 дена по изложеноста и вклучуваат: висока температура, главоболка, вртоглавица, мијалгија, замор, болки во стомакот, дијареја, гадење и повраќање. Болеста е исклучително сериозна и има висока стапка на смртност – од 30 до 50% кај хоспитализираните пациенти, бидејќи не постои специфична терапија.

– Поради регистрираниот случај, апелираме до населението, особено до оние кои работат или престојуваат во рурални и шумски подрачја, да преземат мерки за лична заштита од крлежи. Иако ризикот е генерално низок, болеста може да има сериозни последици – соопштија од ЕОДИ.

Најризични групи се земјоделци, сточари, ловци, планинари, кампери, работници во кланици и здравствени работници кои можат да дојдат во контакт со заразени пациенти.

Конго-кримската хеморагична треска е присутна во повеќе од 30 земји низ светот, вклучувајќи ги Балканот, Турција, Шпанија, Португалија, Русија, Украина и Грузија. Во Грција, последен потврден домашен случај бил регистриран во 2008 година во регионот Тракија.

И нашата земја се соочувала со оваа болест. Првата епидемија е забележана во 1970 година во селото Чифлик кај Тетово, кога заболеле 13 лица, а двајца починале. Според Институтот за јавно здравје, само во периодот од 26 април до 4 јуни 2024 година се регистрирани три лабораториски потврдени случаи на Конго-кримска хеморагична треска во земјава.

Надлежните здравствени власти апелираат за зголемена претпазливост и редовно користење на заштитни средства при престој во природа и работа со животни.