Со 81 глас изгласани уставните промени – Република Северна Македонија влезе во уставот

Со 81 глас и бојкот од ВМРО-ДПМНЕ, Собранието ги изгласа уставните измени.Со тоа се даде зелено светло на Преспанскиот договор за менување на името на државата во Република Северна Македонија.

Не изостанаа честитките меѓу пратениците и министрите кои беа присутни на седницата.

„Денеска Преспанскиот договор се имплементира во целост со сите негови делови, со што се отстранува пречката за членство на земјава во НАТО и ЕУ. Можеби емоциите на граѓаните и разните заедници денеска ќе бидат измешани, но од утре ќе видиме дека ова беше вистинската одлука, храбра одлука што гарантира мир, стабилност и економска благосостојба за идните генерации“, изјави за ТВ21 Бујар Османи – Вицепремиер на Р.М.

Изгласувањето на уставните измени, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го нарече пораз за Македонија. Тој побара да се распушти парламентот и да бидат распишани предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските.

За уставните измени гласаа и 8-те пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.

Собраниската седница почна откако беше постигнат договор помеѓу Зоран Заев и Биљал Касами. Дел од нивните барања беа прифатени. Во државјанството, во преводот на албански јазик, кај Албанците, наместо „македонско“, ќе стои државјанство на Македонија/граѓани на Република Северна Македонија.

„Постигнавме преку измената и креативна формулација   на овој член  да влијаеме се што е за Албанците да се утврди со овој член од Уставот и тие 5 закони кои директно влијаат за двојно гласање кое им гарантира на Албанците дека никогаш никој нема да може да наметне на албански јазик  пишува Македонско туку на Македонија/граѓани на Република Северна Македонија“, рече Аријанит Хоџа – генерален секретар на движењето Беса.

Со гласањето на уставните измени, сега сите погледи се свртени кон Грчкото собрание каде се очекува со мнозинство да се изгласа договорот, по што и официјално треба да стапи на сила, а со тоа и да се потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното