Ја откриваат таблата со ново име.
„Јорганџиската улица“ во Старата скопска чаршија, од денеска ќе се вика „Европска улица“. Евроамбасадорот Самуел Жбогар, вели дека пречекот од страна на граѓаните, великодушноста и изработката на ракотворбите, се вредностите на Македонија, кои кога ќе стане членка на ЕУ, ќе ги донесе со себе.
„Еден мал гест може да иницира големи процеси. Јас, но и сите ние веруваме дека реформа по реформа, улица по улица, Европската унија ќе дојде во Скопје и во вашата земја“, изјави Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ.
Но, како се роди идејата за именување на оваа улица?! Пред три месеци, кога високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини ја посети скопската чаршија, дуќанџијата Асан Селајдини ѝ подари филигран брош. За да ја изрази својата благодарност Могерини испрати благодарница до златарот, која му ја врачи Жбогар.
„Ја поздравувам госпоѓата Могерини, која од мене доби брош, бидејќи ми беше мило што дојде во нашиот град Скопје“, изјави Асан Селајдини, продавач
Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, рече дека инаугурацијата нема да биде само симбол, туку ќе се потруди и официјално улицата да го добие ова име. Тој вети дека ќе се погрижи во иднина да се зголеми работата во Скопската чаршија.
„Добивме проект од Светската банка, при што ќе направиме унификација на излозите и изградба на калдрмата. Во иднина, целата инсталација која е во воздух, треба да се стави во подземната инфраструктура и мислам дека ова е само првата фаза од инвестициите во Чаршијата. Со разни проекти ќе придонесеме, во иднината што повеќе да ѝ ја вратиме уникатноста на чаршијата“, изјави Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир.
Дуќанџиите и денеска не се двоумеа да ја покажат нивната великодушност. Шефот на делегацијата на ЕУ, го поканија во чајџилница. Таму поразговараа со него и го почестија со чај и баклава.
Репортер: Алмедина Исмајли
