Осумнаесетгодишник од тетовското село Радиовце е приведен поради сомнение дека стои зад лажната дојава за поставена бомба во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, полициски службеници утринава извршиле претрес во неговиот дом и помошните простории. Акцијата се одвивала од 05:45 до 07:25 часот, а во неа учествувале припадници на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при ОСОСК, Секторот за компјутерски криминал и Полициското одделение Жеровјане при СВР Тетово.
Претресот бил извршен поради сомнение за сторено кривично дело по член 366 од Кривичниот законик, поврзано со лажна дојава за бомба во општинското средно училиште во Тетово.
При полициската акција бил пронајден и одземен еден мобилен телефон, а 18-годишникот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.