Македонија

Кризна состојба во делови од Штип, жителите ќе останат без вода во наредните 24 часа поради дефект на главната водоводна линија

Кризна состојба во делови од Штип, жителите ќе останат без вода во наредните 24 часа поради дефект на главната водоводна линија

Жителите на неколку населби во Штип ќе се соочат со прекин во водоснабдувањето во наредните 24 часа, откако настанал нов дефект на главната водоводна линија. Градоначалникот Иван Јорданов прогласи кризна состојба во погодените делови од градот и најави мобилизирање на сите расположливи екипи за што побрза санација.

Без вода ќе останат жителите на населбите Тричешми, Пребег, Ново Село и Исар, како и делови од населбите Сењак и 8 Ноември.

За жителите на овие подрачја ќе биде обезбедена техничка вода преку цистерни, а волонтери ќе ги посетуваат домаќинствата и ќе доставуваат флаширана вода за пиење.

Јорданов посочи дека дефектот е на стара водоводна линија, која е во употреба повеќе од 50 години. Според него, проблемот се појавил при нормализирањето на водоснабдувањето, по претходните работни активности на Јавното претпријатие „Исар“, поради зголемениот притисок во мрежата и дотраеноста на цевководот.

Градоначалникот информираше дека во изминатите пет години биле заменети голем број водоводни линии на територијата на општината, но дел од старата инфраструктура сè уште предизвикува непредвидени дефекти.

Тој им се извини на граѓаните за проблемот и најави дека во текот на денот ќе бидат ангажирани сите расположливи ресурси, вклучително и екипите на јавните претпријатија, Територијалната противпожарна единица и механизацијата.

Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, соопшти дека претпријатието ги мобилизирало своите капацитети и дека работниците се на терен. Тој уверува дека имаат обезбедено резервни делови и стручен кадар потребни за санирање на дефектот.

Од надлежните повторно апелираат до граѓаните за разбирање додека траат активностите за отстранување на дефектот и нормализирање на водоснабдувањето.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни