Доколку ги помилувате луѓето кои се обидоа да ги убијат претставниците на повеќе од 500 илјади граѓани, тогаш зошто да не не помилувате и нас… Ова е пораката која затворениците од затворот “Идризово“ му ја испратија на премиерот Заев, кој не ја отфрли можност за амнестија за 27 април.
„Сигурни сме дека и Вие самите ја знаете состојбата на затворите во земјата. Сведоци сте на тоа како следеа „казните со препорака“ од претходната власт. Поради овие и поради други причини, се надеваме дека ќе ги прифатите нашите барања“
„Базирајќи се на вашите предизборни изјави, каде вие како премиер изјавивте дека „затворите се преполни со невини луѓе“ кои произлегуваат од прислушуваните разговори на претходната власт, бараме целосна амнестија.“
„Бараме во судовите да се формира посебна канцеларија со цел на тие на кои им е направена неправда во обвинението – казна, да можеме да бараме разгледување на обвинението, казните или предметот“, се дел од пораките кои затворениците му ги испратија на Премиерот.
Затворениците велат дека нивните барања се поддржани од над 500 семејства, како и од затворениците од другите затвори. Освен од премиерот, тие бараат помош и од претседателот на Собранието, Министерството за правда и меѓународните организации.Во меѓувреме, мнозинството и даде до знаење на опозицијата дека Предлог законот за амнестија може да излезе само од Координативното тело. Пратеникот на СДСМ и коалицијата, гласаа „против“ предлог на ВМРО-ДПМНЕ за целосна амнестија.
Владата го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека нема да има амнестија.
На почетокот на годината, со предлог на Владата, Собранието донесе закон за амнестија, со кој беа ослободени 670 затвореници и им беа намалени казните на над 3000 затвореници. Но, амнестијата не ги вклучуваше лицата кои се осудени за убиство, педофилија, силување, тероризам или криминални дела против државата.
РЕПОРТЕР: ФУРКАН САЛИУ
