Македонија

Собранието го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, дефицитот останува 46,3 милијарди денари

Собранието го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, дефицитот останува 46,3 милијарди денари

Дополнителни средства за социјалните трансфери, здравствената заштита и поддршка на најранливите категории граѓани се предвидени со дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, кој денеска го усвои Собранието. Со измените се коригираат приходната и расходната страна, додека буџетскиот дефицит останува непроменет.

Според усвоениот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е намалување за околу 5,3 милијарди денари во однос на претходните проекции. Надолна корекција е направена и кај расходите, кои сега се планирани на 420,5 милијарди денари. Дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.

Образложувајќи ги измените пред пратениците, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека целта е да се зачува економската стабилност и да се обезбеди непречено функционирање на државата во услови на продолжени глобални геополитички предизвици.

Таа нагласи дека со ребалансот се обезбедуваат средства за сите обврски до крајот на годината, вклучително и платите, пензиите, социјалните надоместоци, обврските кон стопанството и отплатата на долговите што доспеваат.

„Државната каса до крајот на годината е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат. Тоа е суштината на одговорното управување со јавните финансии – да се реагира навреме кога околностите го бараат тоа, да се заштитат граѓаните и економијата и, пред сè, да се гарантира дека државата ги исполнува своите обврски“, рече Димитриеска-Кочоска.

Намалувањето на расходната страна, како што беше образложено, произлегува од корекциите кај трошоците за стоки и услуги и субвенциите. Со тоа се предвидува подисциплинирано трошење, но и пренасочување средства кон социјалната и здравствената заштита.

Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари се наменети за социјални надоместоци. За здравствена заштита се предвидени дополнителни 887 милиони денари.

Министерството за социјална политика, демографија и млади добива дополнителни 1,8 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Дополнителни 600 милиони денари се обезбедени за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.

Капиталните расходи се проектирани на 40,1 милијарда денари. Средствата ќе бидат наменети за инвестиции во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналните проекти, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.

Продолжува и финансиската поддршка за општините, како и реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни