Македонија

Собранието предвреме ќе го ратификува Протоколот за членство во НАТО

Владата на својата редовна седница одржана во саботата го утврди текстот на Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, потпишан во Вашингтон на 4 април 1949 година, и најави дека ќе го достави на усвојување до Собранието, со што се отвора патот за предвремено ратификување на Протоколот за членство на земјава во НАТО од страна на пратениците пред распуштање на сегашниот пратенички состав.

„Предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор на нашата земја со НАТО, кој ќе биде пуштен на усвојување во Собранието на РСМ, се предвидува да стапи во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, по што ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во Алијансата“, соопшти владината прес-служба.

Собранието, согласно договорот за одржување на предвремените парламентарни избори, треба да се распушти на 11 февруари, а засега е неизвесно дали до тогаш Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство во нејзиниот Парламент, бидејќи во земјата се уште нема договор за формирање нов влада по ноемвриските избори.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни