Бугарија ги повикува „политичките елити во Северна Македонија да покажат потребна политичка зрелост, да дадат конструктивен придонес кон исполнувањето на политичките обврски преземени со компромисот од 2022 година и строго да го почитуваат Договорот за добрососедство од 2017 година“.
На денот кога бугарското Собрание ја прифати оставката на премиерот Николај Денков, а министерката за надворешни работи, Марија Габриел, беше во Букурешт на конгрес на Европската народна партија, Министерството за надворешни работи на Бугарија ја повика македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповски, за да изрази загриженост за изјавите на некои македонски политичари за Бугарија, кои бугарското МНР ги смета за „невистинити изјави кон Бугарија“.
Во контекстот на предизборната кампања, прашањата за односите со Бугарија и промените во Уставот добиваат централно место.
Софија изразува желба тие теми да се избегнуваат во јавниот дискурс, како што стои во соопштението на МНР:
„Министерството за надворешни работи на Бугарија се спротивставува на вклучувањето на Бугарија и нашите билатерални односи во внатрешнополитичката дебата во Република Северна Македонија, особено во рамките на тековната изборна кампања.
„Бугарија непрекинато застапува конструктивен пристап и избегнува коментирање на постојаните провокации во јавниот простор во Северна Македонија. Тоа го прави со намера да создаде конструктивна атмосфера која ќе овозможи нормално спроведување на изборниот процес и јавен мир потребен за реализација на неопходните реформи“.
„За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се ценети и признаени од одредени кругови во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата држава како изговор за својата недостаточна посветеност пред своите граѓани.“
