Поради сомнителен куфер оставен на Плоштадот ВМРО, веднаш до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во строгиот центар на Скопје, евакуирани се сите околни згради. Вработените од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), кое се наоѓа веднаш до белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека веднаш им било наредено да ја напуштат зградата поради закана.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска во 12:55 часот лице од обезбедувањето на ЈПДП пријавило дека на видео надзор биле забележани две лица кои го разгледувале просторот пред канцелариите, а едно од нив оставило куфер.
„Полициски службеници се упатени на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјавија од МВР.
Пред зградата во моментов има голем број луѓе кои се евакуирани, а полициски екипи ја обезбедуваат околината.
Од службата за односи со јавност на ЈПДП посочија дека сите вработени ја напуштиле зградата, но не потврдија дали станува збор за закана за поставена бомба.