Трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која животот го загубија мајка и нејзината шестгодишна ќерка, ги потресе соседите кои велат дека во станот со месеци претходно се слушале расправии, кавги и повици за помош.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, нивната сосетка Тања Спировска раскажа дека насилството не било изолиран инцидент, туку проблем кој, според сведоштвата на соседите, траел подолг период и повеќепати бил пријавуван.
„Немав страв дека станува збор за лажно пријавување, затоа што тоа траеше. Не беше пријавено само еднаш. Комшиите кажуваа дека девојчето само бегало од станот и тропало по врати барајќи помош за мајката“, изјави Спировска.
Таа посочува дека по една полициска интервенција поднела претставка и до внатрешната контрола поради однесувањето на полицаецот кој дошол на местото на настанот.
Според неа, трагедијата можеби ќе можела да се спречи доколку институциите реагирале поодлучно на пријавите од соседите.
„Можеби ќе можевме да го спречиме ова. Ние комшиите постојано пријавувавме, но немаше повратна информација од институциите“, рече таа.
Спировска додава дека, според информациите што подоцна се појавиле во медиумите, родителите биле во бракоразводна постапка, но мајката била повлечена и ретко зборувала за проблемите.
„Била многу затворен тип. Дури и кога некоја комшика прашала што се случува во станот, таа рекла дека не знае. Очигледно била многу исплашена“, раскажува сосетката.
Таа смета дека одговорност треба да се бара и кај повеќе институции – полицијата, центрите за социјална работа, но и образовниот систем.
„Станува збор за шестгодишно дете, ученичка во прво одделение. Некој морал да забележи дека нешто не е во ред“, вели Спировска.
Најсилно, како што додава, во сеќавање ѝ останала една реченица што ја слушнала доцна во ноќта.
„Во два часот по полноќ се слушна како девојчето вика: ‘Тато ќе ја убиеш мама’. Таа реченица никогаш нема да ја заборавам“, раскажува таа.
По трагедијата, соседите сè уште тешко се соочуваат со случувањата.
„Не можеме ни да поминеме покрај местото. Сите се гледаме меѓу себе и се прашуваме дали можевме нешто повеќе да направиме“, вели Спировска.
На крајот, таа упати апел до жртвите на семејно насилство да не молчат и да пријавуваат.
„Ги охрабрувам сите, особено жените, да пријавуваат и да бидат храбри. Семејното насилство мора да се искорени, затоа што ако не извлечеме поука од вакви трагедии, ќе продолжиме да губиме животи“, порача таа.
