Специфичниот изборен модел во Унгарија: Како мандатите го одредуваат победникот

Унгарија би можела да се наоѓа пред пресвртница по 16 години владеење на Виктор Орбан. Иако до 17 часот на денот на изборите е забележана висока излезност од дури 75 отсто, крајниот исход во голема мера зависи од комплицираниот унгарски изборен систем.

Распоредување на пратеничките места

Според унгарскиот модел, гласачите избираат вкупно 199 застапници за Народното собрание. Процесот на гласање се одвива во 106 изборни окрузи. Кандидатите кои ќе извојуваат победа во овие 106 окрузи одат директно во парламентот.

Преостанатите 93 пратенички места се оставени за националните листи. Овие места се распределуваат помеѓу сите оние политички партии кои успеале да го поминат изборниот праг.

Компензациски гласови и математика за мнозинство

Она што е особено карактеристично за овој систем е дополнителната поддршка што ја добиваат партиите преку таканаречените компензациски гласови. Станува збор за гласовите што партиите ги освоиле во изборните единици, дури и тогаш кога не победиле во истите.

Ваквата изборна акробатика доведува до ситуација во која главната улога ја играат мандатите, а не самите гласови. Како резултат на тоа, една партија со освоени 51 отсто од гласовите може да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот.

Ваквиот закон беше изгласан од страна на Орбан и партијата Фидес веднаш по нивниот прв мандат. За разлика од пропорционалниот изборен систем во другите европски земји кој јасно го покажува изборниот победник, во Унгарија изборниот победник, практично, се „произведува“.