Србија го почитува територијалниот интегритет на Украина и смета дека воените дејствија на Русија против неа се „погрешни“, но нема да воведе санкции кон Москва, изјави во петокот српскиот претседател Александар Вучиќ, цитиран од Ројтерс.
Тој се обидува да одржи деликатна рамнотежа меѓу европските аспирации, партнерството со НАТО и вековниот верски, етнички и политички сојуз на Србија со Русија, додава агенцијата. Во 2008 година, на пример, ги предаде своите сектори за гас и нафта на Русија.
Но, како што растат тензиите меѓу Русија и Европската унија околу Украина, Србија е под притисок да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на ЕУ, на која има за цел да се приклучи, и да воведе санкции кон Москва.
„Тие (Русија) беа единствената земја која не ни воведе санкции во 1990-тите“, рече Вучиќ по состанокот на Советот за национална безбедност. Тие го поддржаа и нашиот територијален интегритет во ОН. Тоа не смееме да го заборавиме“, рече тој.
Во исто време, Советот за национална безбедност заклучи дека Република Србија смета дека е „многу погрешно нарушување на територијалниот интегритет на голем број земји, вклучително и Украина“.
Вучиќ рече дека Советот одлучил да ги прекине сите воени вежби со странски војници со цел да се одржи воената неутралност. Тој, исто така, предупреди дека Србија ќе преземе правни мерки против нејзините граѓани кои се борат во странство.