Србија постигна договор со Русија за испорака на гас до крајот на март

Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека е постигнат договор за продолжување на договорот за снабдување со гас за следните три месеци. Ова ќе обезбеди енергетска стабилност на земјата во текот на зимскиот период, објави хрватскиот медиум Индекс.

„Имаме договор за продолжување на договорот за гас за следните три месеци, до 31 март. Нека луѓето спијат мирно, Србија ќе има и електрична енергија и доволно гас за претстојната зимска сезона“, рече Вучиќ.

Вучиќ неодамна нагласи дека енергетиката е најважната област во националната економија и најави планови за изградба на клучна инфраструктура.

„Треба да изградиме многу работи. Треба да изградиме интерконектор кон Северна Македонија. Што се однесува до гасот, треба да изградиме она што го нареков производствен цевковод. Тоа е, покрај гасниот интерконектор кон Романија, треба да изградиме и нафтовод кон Романија“, рече претходно српскиот претседател.