ССМ НА ПРОТЕСТ: Синдикатот бара 600 евра минималец и порачува – „Без работници нема ниту држава, ниту власт“

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска излезе на протест кој започна точно во 12:05 часот пред Работничкиот дом, продолжи пред Собранието, а финишираше пред зградата на Владата. Работниците остануваат децидни на своите барања – минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите плати за 6.000 денари.

Обвинувања за закани и остри критики кон власта

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пред присутните истакна дека голем број работници денеска биле спречени да присуствуваат поради притисоци.

Се вчитува...

„Голем број работници денеска се спречени да дојдат зашто им се закануваат. Ги уценуваат со губење на нивните работни места и губење на нивната плата. Но, без оглед на тоа, не ви се плашиме. Дојдовме за зголемување на платите и пак ќе дојдеме“, порача Трендафилов.

Тој категорично ги отфрли евентуалните политички мотиви зад собирот, нагласувајќи дека ова е исклучиво работнички протест. Упатувајќи остри критики кон владините претставници, Трендафилов изјави дека станува збор за „ненародна Влада“ која не направила ништо за граѓаните.

„Не треба да се плашат од народот, од работниците. Никој тука нема политички амбиции. Се бориме за зголемување на работничките плати. Без работници нема држава, а нема ниту власт“, додаде претседателот на ССМ.

Отфрлено законското усогласување од 1.667 денари

Синдикатот смета дека зголемувањето на минималната плата овој месец е неопходно, особено во услови кога трошоците за живот рапидно растат, а работниците одвај ги покриваат основните потреби.

Според ССМ, сегашните предлози за законско усогласување на минималната плата од 1.667 денари се целосно недоволни и не соодветствуваат со реалната слика на пазарот. Аргументот на синдикалците е дека само во последните два месеца, вредноста на синдикалната минимална кошница скокнала за 2.000 денари, што значи дека понуденото усогласување не го покрива ниту основниот раст на трошоците за живот.

„Работниците со својот труд ја заработуваат платата. Им заработуваме многу повеќе од тоа што тие нè плаќаат“, заклучи Трендафилов.