Стоилковски: Судот да ги отфрли притворите на Јанакиески и Божиноски, во спротивно ќе остане „играчка“ на Заев

Според Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, утре ќе биде познато дали судот ќе има сили да се издигне над политичкиот прогон, и ќе ја укине мерката притвор за Миле Јанакиески и Кирил Божиноски, или ќе остане да биде „играчка“ на Заев.

„Апелациониот суд утре мора да ги земе предвид фактите на одбраната на Миле Јанакиески и Кирил Божиноски, и да донесе решение во кое ќе ги отфрли одлуките за нивен притвор базирани врз фингирана службена белешка од УБК, класифицирана како Строго Доверливо. Утре во апелациониот суд се одлучува дали Република Македонија ќе остане да тоне во мрачното транзициско минато од 90тите, или судот има сили да се издигне над политичкиот прогон?

Утре ќе се знае дали Република Македонија воопшто има сили да напредува или ќе потоне подлабоко во црниот систем во кој слобода или притвор се инструменти на црниот систем за политички пазар и криење на неспособноста.

Апелационите судии ја имаат пред себе одговорноста да не дозволат судот да биде играчка на неспособниот Зоран Заев и неговиот тим за злоупотреба на државната безбедност, играчка за нивните злодела, за политичкиот терор.

Република Македонија го преживува периодот на мрачно неправедно општество, со кое владее хунта на неспособни но и незаменливи. Апелациониот суд ја има можноста за покажување трошка пркос и волја за демократија со тоа што нема повеќе да дозволи притворот да биде замена не само за казна-  туку и за затскривање на властодршците.

Незаменливоста на Оливер Спасовски го претвори цело општество во притвор, во кој нема решени случаи за убиства, нема решени случаи за пукотници среде Скопје, нема постапки за криминал по допрен глас, нема контрола врз злоупотребите на системот за безбедност кој наместо реалните безбедносни предизвици н државата се занимава со кабинетот на претседателот на државата, со фингирање на податоци во службени белешки класифицирани како Строго доверливо а за кои што судот одлучува и понатаму се цитираат во јавноста“, вели Стоилковски.

Извор: ТВ21