Струјата нема да поскапи, ЕСМ ќе се бори со загубите преку нов кредит

Државните енергетски компании, вклучувајќи го ЕСМ, МЕПСО и МЕМО, на брифинг во Министерството за енергетика потврдија дека нема да бараат покачување на цената на струјата за домаќинствата во наредните шест месеци.

Во моментов, ЕСМ ја продава електричната енергија по цена од 62 евра за мегават-час, иако производната цена во првиот квартал достигнала 98,9 евра за мегават-час, што резултирало со загуби. Компанијата планира да ги намали загубите преку оптимизација на трошоците и подобрување на производството.

Во првиот квартал производството било за 35 отсто пониско од планираното, но се очекува дека состојбата ќе се подобри и ЕСМ ќе оствари вишок на струја што ќе може да се продава по пазарни цени, со што ќе биде остварена и добивка.

За одржување на ликвидноста, ЕСМ ќе се задолжи со нов кредит од 30 милиони евра од домашна банка, со каматна стапка од околу 3,5 проценти.