Студентите во Белград поднесоа кривична пријава против Вучиќ поради посетата на повредените од трагедијата во Кочани

Група студенти кои веќе неколку дена ја блокираат наставата и дел од факултетите во Белград денеска поднесоа кривична пријава до Првото основно јавно обвинителство против претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Како што изјавија пред обвинителството, причината за пријавата е неговата „рејтинг-посета“ на повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кои се лекуваат во Клиничкиот центар на Србија.

– Не сакаме политички конфликти, не бараме одмазда, туку одговорност – порачаа студентите во изјава за медиумите, пренесува агенцијата Бета.

Претставник на студентите, кој не го откри своето име, изрази револт што Вучиќ влегол во болницата без заштитна опрема – ниту маска, ниту ракавици – додека пациентите во болки лежеле во болничките кревети.

– Тоа не беше само арогантен гест, туку и понижување на здравствениот систем и на повредените луѓе. Изгорената кожа не е рекламна табла. Правда за нив е правда за сите – порача студентот.

Пред зградата на обвинителството студентите истакнаа дека од институциите не молат, туку бараат постапување согласно закон, без страв од политички притисоци. На протестот им се приклучија и членови на Здружението на здравствени работници, кои носеа транспарент со натпис „Здрав систем, здрави луѓе“.

Студентите од Правниот факултет маршираа со транспарент на кој беше испишан цитат од законикот на цар Душан: „Судиите се должни да судат по закон, а не од страв од власт“. Ним им се придружија и студенти од Медицинскиот факултет.

Во знак на солидарност и сеќавање, собраните одржаа и акција „16 минути тишина“ во 11:52 часот, посветена на 16-те загинати во уривањето на реконструираната кровна конструкција на Железничката станица во Нови Сад.