Студентски марш во Скопје: Бараат правосудниот испит да се полага на албански јазик

Во центарот на Скопје денеска започна протестен марш како израз на незадоволство од непочитувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на првосудниот испит.

Студентите се собраа со албански и американски знамиња, како и со транспаренти на кои беа испишани пораки како „Стоп за институционалната дискриминација“. Учесниците изразија незадоволство и побараа правосудниот испит да може да се полага на албански јазик, согласно законските одредби.

Протестот, според присутните, имаше и политички пораки, меѓу кои „Охридскиот договор не се преговара повторно“ и „Законот за јазиците е јасен“. Дел од демонстрантите упатија директни пораки до правосудните институции и Уставниот суд на Република Македонија, а едно од најсвежите скандирања беше: „Не го допирајте Законот за јазиците!“, придружено со повици за одговорност и оставки.

Покрај барањето за обезбедување право за полагање на испит на албански јазик, учесниците на протестот јавно побараа оставка од министерот за правда, оценувајќи дека сегашната ситуација претставува дискриминација кон албанското студентско население.

Маршот започна пред плоштадот „Карпошово востание“ и се движеше по улицата „11-ти Март“ преку Камениот мост, продолжувајќи по улицата „Никола Вапцаров“ и завршувајќи на улицата „Димитрие Чуповски“ пред Министерството за правда.

Министерството за внатрешни работи апелираше до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на униформираните полициски службеници, бидејќи сообраќајот на овие улици е привремено пренасочен поради протестот.