Студентската организација „Студентски отпор“ соопшти дека го прифаќа новиот модел за субвенциониран студентски оброк, предложен од Владата и Министерството за образование и наука, со кој месечниот износ се зголемува од 3.500 на 4.500 денари. Сепак, студентите поставуваат два услови кои бараат да бидат исполнети пред примената на новото решение.
Од организацијата информираат дека одлуката е донесена по консултации со студентите во рамките на нивните организациски структури, по повеќедневната јавна дебата за измените во мерката.
Предложениот модел предвидува воведување нов систем „М студентски оброк“, зголемување на месечните средства за 1.000 денари, како и јавно објавување на списокот со маркети и оператори каде што студентите ќе можат да ги користат средствата.
Дополнително, предвидено е студентските попусти да важат до крајот на месецот, независно од тоа дали студентот веќе го искористил целиот месечен износ од 4.500 денари.
Сепак, од „Студентски отпор“ нагласуваат дека нивната согласност е условена со две барања. Првото е сите договорени решенија да бидат внесени во Законот за субвенциониран студентски оброк, а второто е листата на компаниите и предвидените мерки да биде јавно објавена пред законот да стапи во сила.
Од организацијата порачуваат дека понудениот модел е прифатлив за студентите што ги консултирале, но инсистираат договорените услови да добијат законска гаранција.