Суд во Солун прогласи за невин 38-годишен државјанин на Северна Македонија, уапсен во јануари годинава под сомнение дека тргувал со дрога, поради што му била одредена и мерка притвор.
На 26 јануари годинава, 38-годишниот македонски државјанин бил уапсен во рурален дел во близина на Кукуш, откако нелегално и пеш влегол во Грција, при што, според полицијата, поседувал 827 грама хероин.
Уапсениот, кој веројатно бил овчар, уште од првиот момент негирал дека има каква било поврзаност со трговија на дрога.
„Примерок од запленетата супстанција, карактеризирана како хероин, беше испратена до лабораторијата, која месец и половина по испитувањето, писмено потврди дека не станува збор за дрога, но без да прецизира за што точно станува збор“, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Судот во Солун врз основа на извештајот од хемиската лабораторија, го прогласил осомничениот за невин за поврзаност со дрога, но му одредил затворска казна во траење од три месеци за нелегален влез во Грција.