Деценискиот спор со Грција беше решен со потпишување на договор во преспанското село Нивици. Т.Н Преспански договор, не беше прифатлив за опозицијата, најповеќе поради промена на уставното име.
Опозицијата сè уште употребува Република Макеоднија, но велат дека имаат план и програма што ќе прават со Преспанскиот договор, договорот за добрососедство со Бугарија и законот за јазици доколку дојдат на власт.
„Одговорноста за штетните делови кои се наоѓаат во двата договори, е само кај СДСМ особено во оној дел кој што значеше и промена на уставот на РМ. Тоа што е потребно за промена на устав е 2/3 мнозинство. Доколку тоа не се случи на изборите, ВМРО-ДПМНЕ се става на брза лента кон реформите за постигнување на ЕУ интеграциите, а потоа намалување на штетите од овој договор.“, вели Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
За Преспанскиот договор, Заев уште тогаш рече дека играл со сите џокери и со народот.
„Ова е храбра битка, играв со сите кецеви и џокери во ракав, играв со мојот народ, играв ‘all in’, играв на се или ништо“, рече тогаш Заев.
Но, една година подоцна, кога не добивме датум за старт на преговори со ЕУ, тој се кае.
„Пред да го направиме Преспанскиот договор барем да ни кажеа, така? Тука е болката. Значи, тука е нефер и неправдата којашто ни е нанесена“, вели сега Заев.
Од опозициската партија велат дека ќе продолжат со реформи во земјата за интеграција во Европската унија, но не одговорија претцизно под кое име
Новинар: Постои заблуда, велите ќе ги продолжите интеграциите за ЕУ, но не го признавате договорот од Преспа, под кое име ќе преговарате? Република Македонија?
„Да, Република Македонија. Тоа што е важно е дека треба да се исполнат реформите кои што беа дадени како задача уште кога Заев, Анѓушев, Османи и Димитров во авионот лажеа дека добиле датум всушност добија 4 задачи кои требаше да ги исполнат, но не исполнија ниту една од нив“, вели Стоилковски.
Од опозициската партија велат дека треба да се почитуваат мислењата кои ги дава Венецијанската комисија, а околу направените уставни промени велат дека треба да се почека одлуката на Уставниот суд како ќе одлучи по поднесената жалба за противуставно менување на името на државата.