Бојан Јовановски и Зоран Милевски веќе неколку пати досега биле на обвинителна клупа, но денеска за прв пат седнува екс-специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа заедно со Кичеец ќе пристигне од куќен притвор, а Јовановски од затворот Шутка.
Започнува судење од висок профил. На Бојан Јовановски на товар му се ставаат две дела:
- Примање награда за противзаконско влијание
- Перење пари и други приноси од казниво дело
За овие две дела на Бојан Јовановски доколку се докаже дека е виновен, според КЗ следува казна затвор од 1 до 10 години.
На Зоран Милевски – Кичеец му се става на товар едно дело:
- Примање награда за противзаконско влијание
Како и кај Јовановски, за ова дело според КЗ доколку се докаже вина во судскиот процес следува казна затвор од 1 до 10 години.
Екс-специјалната јавна обвинителка се чини ќе помине со најблага казна барем според доказите на обвинителството презентирани во јавноста и изјавите на одбраната дека Рускоска не поседува докази за Јанева. Но, сепак ќе треба да се почека почеток на судскиот процес и судската расправа која пак може да заврши уште денеска доколку обвинетите признаат вина.
На товар на Јанева и се става делото:
- Злоупотреба на службена положба и овластување
За ова дело е предвидена казна затвор од најмалку три години.
Рочиштата за овој предмет треба да бидат со зголемен интензитет, а и претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев најави дека предметот ќе добие приоритет.
Предметот ќе го води судијката Весна Николовска Масевска која за прв пат е избрана на 15-ти март 2012 година.