Кривичниот суд бара од Собранието да му биде одземен пратеничкиот имунитет на пратеникот Никола Груевски. Во официјалното соопштение на Судот, пишува дека до Собранието доставиле 5 судски предмети, во кои е обвинет екс-премиерот Никола Груевски. Судот бара притвор за Груевски за изборни измами во случај „Титаник“, за нерегуларности при изградба на автопати – случај „Траекторија“, за уривање на Космос – „ТНТ“, за незаконско финансирање на партијата – случај „Талир“, како и за случајо „Шамари во Општина Центар“.
Барањата ќе се разгледуваат на утрешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, со која претседава Павле Богоевски.
„Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања, Собранието одлучува во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот“, пишува во членот 54 од Деловникот на Собранието.
За да му биде одземен пратеничкиот имунитет на Груевски, потребни се најмалку 61 глас. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ваквите одлуки ги нарече смешни. Од таму велат дека пред да се зборува за одземање на имунитетот, некој треба да понесе одговорност за сѐ што се случува во земјата.
На 9-ноември, исто така на барање на судот, на пленарна седница се најде точка на дневен ред за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Сепак, парламентарното мнозинство не успеа да собере 80 гласови, односно 2/3 мнозинство. Два дена подоцна Груевски избега од државата и преку Албанија, Црна Гора и Србија, заврши во Унгарија каде побара политички азил. Со оглед на тоа дека не може да присуствува на седниците, а се уште се води како пратеник, Собранието донесе одлука да му ја намали платата за 5 отсто.
РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ
