Суматрански носорог роден во Индонезија

Исклучително редок суматрански носорог е роден во засолниште во Индонезија, соопштија локалните власти. Раѓањето на суматранскиот носорог се смета за голем успех за напорите на активистите кои се борат да зачуваат критично загрозен животински вид и да го спречат неговото исчезнување.

Станува збор за женски суматрански носорог кој е роден во националниот парк Веј Камбас во суматранската провинција Лампунг на 24 март, потврди индонезиското Министерство за екологија.

„Раѓањето на суматранскиот носорог е добра вест во време на напори на индонезиската влада и нејзините партнери да ја зголемат популацијата на овие животни“, изјавија официјални лица.

Суматранските носорози се најмалиот вид носорог што некогаш живеел во голем број во Југоисточна Азија, но сега се наоѓаат само во малите „џебови“ на северниот индонезиски остров Суматра и индонезискиот Борнео.

Во моментов останаа само 80 суматрански носорози.

Последниот малезиски суматрански носорог почина во 2019 година во засолниште во Борнео. Овој вид беше прогласен за исчезнат во Малезија во 2015 година, но смртта на женката Иман значеше дека видот е целосно исчезнат.

Младенче родено во Индонезија минатата година го зголеми бројот на суматрански носорози во засолништето на осум. Бременоста не беше лесен процес бидејќи мајката Роза претходно изгубила осум бремености, а таткото Андату беше првиот носорог роден во заробеништво во Индонезија.

Програмата за размножување во Суматранското светилиште е единственото место во земјата каде што носорозите можат природно да се размножуваат со помош на технологија и експертиза.

Целта на програмата е да се зачуваат суматранските носорози и да се зголеми нивната популација за еден ден да бидат вратени во дивината.

Многу фактори негативно влијаеле на носорозите, а еден од нив е ловокрадството поради нивните рогови кои се користат како состојки во традиционалната азиска медицина. Причината е намалувањето на живеалиштата и влијанието на човекот врз животната средина, поради што носорозите не се собираат и не се размножуваат.

Без интервенција и помош, суматранските носорози ќе исчезнат за неколку години.

Во моментов има само пет преживеани видови носорози во светот и сите се загрозени. Некои подвидови се веќе исчезнати.