Македонија

Сведок на рочиштето за полицајците од „Пулс“: 4 дена пред трагедијата била договорена координирана акција за дрога, алкохол и малолетници

Сведок на рочиштето за полицајците од „Пулс“: 4 дена пред трагедијата била договорена координирана акција за дрога, алкохол и малолетници

Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето против 13 полициски службеници обвинети за загрозување на општата сигурност во врска со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Обвинението се однесува на пропусти при полициската контрола во кобната ноќ.

На денешното рочиште сведочеше актуелниот началник на ОВР Пробиштип. Тој изјави дека на 11 март, непосредно пред трагедијата, бил одржан секторски состанок со началникот на СВР Штип, на кој била издадена наредба за координирана акција насочена кон дрога, алкохол и малолетници.

Според неговиот исказ, претходно слична акција била спроведена на подрачјето на Пробиштип, при што биле затекнати 36 лица. На состанокот потврдил дека може да учествува во новата акција и да ангажира полициски службеници од ОВР Пробиштип.

Меѓу четворицата ангажирани полицајци бил и починатиот Тоше Тодоровски. Сведокот наведе дека началничката во Кочани побарала ангажираните службеници „да не бидат само бројка, туку да бидат професионалци“ и „да бидат на ниво на задачата“. Токму затоа, како што посочи, ги избрал овие полициски службеници.

Рочиштето продолжи со натамошно сведочење на началникот на ОВР Пробиштип.

Во постапката се утврдува дали обвинетите постапиле во рамките на своите надлежности и дали ги спровеле контролите и законските обврски што можеле да спречат објектот да работи без соодветни безбедносни услови.

За пожарот во „Пулс“ се водат одделни судски постапки. Покрај постапката против 13-те полициски службеници, девет лица се обвинети за пропусти при издавањето лиценци.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни