СВЕТИ СИМЕОН БОГОПРИМЕЦ: Светецот кој живееше за да го види Спасителот и стана заштитник на малите деца

Според православниот календар (3 февруари по стар стил), Црквата го слави споменот на Свети Симеон Богопримец. Ова е светецот чија животна приказна е нераскинливо поврзана со празникот Сретение Господово, бидејќи токму тој е праведниот старец кој го дочека и го зеде во своите раце малиот Исус во Ерусалимскиот храм.

Сомнежот во пророштвото и средбата со Ангелот

Преданието вели дека Симеон бил еден од прочуените Седумдесетмина мудреци избрани во времето на египетскиот цар Птоломеј Филаделф да ја преведат Библијата од еврејски на грчки јазик. Тој својата работа ја вршел совесно, но се сопнал на еден стих од пророкот Исаија: „Еве девица ќе зачне и ќе роди син“.

„Тој се збуни, зеде нож за да го избрише зборот ’девица‘ и го замени со ’млада жена‘ за така и да го преведе на грчки“, се вели во житието.

Се вчитува...

Во тој момент, Божјата интервенција го спречила. Ангел Господов му се јавил, му објаснил дека пророштвото е точно и му дал ветување – дека нема да умре додека не се увери со свои очи и не го види Месијата роден од девојка.

„Сега отпушти го Твојот слуга…“

Годините минувале, а Симеон станал престарен и „бел како лебед“. Кога Дева Марија го донела малиот Исус во Ерусалимскиот храм, Светиот Дух му јавил на старецот да појде таму. Иако имало многу луѓе, Симеон веднаш ги препознал Мајката и Детето според „светлината што зрачеше од нив како ореол“.

Радосен што ветувањето се исполнило, тој го зел Младенецот во раце и ја изговорил молитвата што и денес се чита на вечерните служби:

„Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“.

Пророчицата Ана и заштита на децата

На овој настан сведочела и пророчицата Ана, ќерка Фануилова, која на 84-годишна возраст исто така го препознала Господа и го објавила тоа на народот.

Набргу по овој настан, Свети Симеон се упокоил. Поради неговата улога во пречекувањето на Богомладенецот, Праведниот старец Симеон денес се почитува и како заштитник на малите деца.