Светските лидери остро го осудија инцидентот што се случи во Вашингтон, кога вооружен маж отвори оган на контролен пункт во хотелот Вашингтон Хилтон, каде се одржувала свечената вечера на Здружението на дописниците од Белата куќа, на која присуствувал и американскиот претседател Доналд Трамп.
Лидерите го оценија настанот како чин на „политичко насилство“, при што повеќемина изразија олеснување што претседателот, првата дама и сите гости се безбедни.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека е олеснета што сите присутни на настанот се неповредени, нагласувајќи дека насилството „нема место во политиката“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, порача дека политичкото насилство е неприфатливо во секоја демократија и посака брзо закрепнување на повредениот полицаец.
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е шокиран од сцените во Вашингтон и нагласи дека секој напад врз демократските институции и слободата на медиумите мора најостро да се осуди.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така го осуди обидот за напад, изразувајќи олеснување што Трамп и неговата сопруга се безбедни, и им посака брзо закрепнување на повредените.
Канадскиот премиер Марк Карни, мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум и австралискиот премиер Антони Албанезе исто така изразија загриженост и порачаа дека политичкото насилство не смее да има место во демократските општества.
Инцидентот се случил кога вооружен маж отворил оган на контролен пункт во лобито на хотелот, по што гостите, меѓу кои и високи функционери и новинари, биле евакуирани.
Полицијата го идентификувала осомничениот како Кол Томас Ален (31), жител на предградието на Лос Анџелес. Според истрагата, тој бил вооружен со пушка, пиштол и неколку ножеви, а по отворањето оган дошло и до размена на истрели со безбедносните сили, при што еден полицаец бил ранет.
Истражните органи продолжуваат со работа за утврдување на мотивите зад нападот, додека светските лидери упатуваат пораки за осуда и солидарност.
