Македонија

Тачи: Заев постигна компромис тежок и речиси неприфатлив, нему му припаѓаат заслугите за ова

„Заев е најзаслуѓен за деблокирање на интегративниот процес. Тој постигна компромис исклучително тежок и речиси неприфатлив за неговото население во однос на договорот за името“, рече лидерот на ДПА, Мендух Тачи на вечерашното гостување на ТВ21.

Тој напомена дека Заев донел храбра одлука и заслужен е што одлуките ќе спречат нов конфликт меѓу Албанците и Македонците.

„Ова е исклучително храбра одлука. Мислам дека нему му припаѓаат заслугите за ова, можеби ќе му припаднат и историските заслуги кои ќе спречат можност за нов конфликт меѓу Албанците и Македонците. Констатирам дека застојот, блокирањето на интегративниот процес на Македонија не е ист како во другите земји. Во Македонија имаме две етнички заедници. За Албанците интегративниот процес е приоритет над сите други приоритети, над националните интереси и партиски. Сите национални интереси на Албанците каде и да живеат…“, рече Тачи.

„Забележав подготвеност од г.Заев за да разговараме на сите теми кои се проблематични за во иднина, бидејќи ние многу се разликуваме во однос на тоа како гледаме кон иднината на Македонија. Околу интеграцијата во ЕУ и НАТО сме согласни 100%, но јас мислам дека правата на Албанците во овие години беа политичка и правна имитација. Јас не се откажувам дека правата на Албанците треба да бидат загарантирани од уставен и правен аспект и да имаме институционални механизми кои ќе спречат секаков вид дискриминација врз етничка основа. Еден од механизмите кој има најголем ефект е прв вицепремиер Албанец и прашањето на носење одлуки во Собранието. Тој сигурно нема да се согласи со ова. Но, јас мислам дека зависно од политичката моќ што ќе ја добие ДПА, зависно од можноста за постигнување консензус со албанските политички сили кои ќе бидат во опозиција, можностите се многу големи да се постигне ова. Но, за да не изгледа ова барање како националистичко, барање кое со себе носи криза или ја провоцира другата страна…вие забележавте дека функцијата на вицепремиер главно ја поврзувам со спречување на економска дискриминација, што значи вицепремиерот да има право да го блокира предлог-буџетот ако тој процени дека преку него се врши економска дискриминација врз Албанците.“, дополни Тачи.

.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни