Танц и театар пред зградата на Владата, средношколците го кренаа гласот против загадениот воздух

Танц и театар на средношколците од Гостивар и Скопје пред зградата на Владата. На овој начин тие го изразија својот револт од високата загаденост на воздухот и како што велат пасивноста на институциите за тешавање на овој проблем. Настанот беше во организација на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

„Средношколците го кренаа гласот и го изразуваат своето негодување и револт за состојбата со загадувањето и без перспективноста во Република Македонија.   Ние сме во топ 10 главни градови, почнувајќи со Скопје, Битoла, Гостивар, Тетово и другите градови во однос на загадувањето, а тоа најмногу ги погодува децата“, изјави Драги Змијанац – прва детска амбасада „Меѓаши“.

Доколку не се земат во предвид нивните барања, ќе покренат тужба против државата пред меѓународните институции.

„Решивме, неколку граѓански организации да се обратиме до Комитетот за правата на децата. Од таму побаравме мерки кои оваа Влада ќе треба да ги испочитува, во спротивно ќе бидеме принудени да покренеме тужба“, додаде Змијанац.

Децата кои денеска излегоа да протестираат, преку нивниот настап упатија силна порака до институциите. Велат дека се загрижени од последиците кои ги предизвикува загадениот воздух.

„Ние сме сериозно загрижени за последиците кои ги предизвикува загадениот воздух, а тоа се смртност и сериозни болести. Не смееме и не сакаме да ја прифатиме оваа состојба“, изјави Војкан Михајловски, средношколец.

„Сите ние имаме право на чист воздух, тоа е неопходно за нашето здравје. Како ученици многу добро ја разбираме пораката дека сите дишеме ист воздух и оваа порака им ја упатуваме на сите институции и на граѓаните“, изјави Јована Дуковска, средношколка.

„Преку танцот пренесуваме многу важна порака. Го изразуваме револтот кој го имаме за загадениот воздух. Мислам дека секој од нас заслужува да живее во средина со почист воздух“, изјави Њомза Бајрами, средношколка.

Скопје меѓу шесте најзагадени градови во светот, a во Македонија се дише најопасен воздух по здравјето на луѓето. Во последниот извештај на Европската агенција за животна средина се вели дека повеќе од 1.500 лица годишно умираат како последица  на загадениот воздух во Македонија.

Во изминатиот период Владата, Град Скопје, но и Министрството за животна средина потенцираат дека се преземаат мерки за намалување на загаденоста, но резултатите ќе се почуствуваат на долг рок.

Репортер: Арменд Гаши

Извор: ТВ21