Таткото на починатиот Андреј Стојанов: „Како родители го загубивме највредното и најдрагоценото – во име на парите и криминалот, некој ни го одзеде детето и уште 62 млади животи“

Томче Стојанов, татко на загинатиот Андреј Стојанов во трагедијата во дискотеката Пулс, во емотивно сведоштво во Отвореното студио на 4ТВ.мк ја раскажа ноќта кога го загубил својот син.

На почетокот од разговорот, Стојанов упати благодарност до медиумите за поддршката и разбирањето кон родителите кои ги загубиле своите деца.

„Голема благодарност до вас за разбирањето и поддршката што ја имате кон нас, родителите што ги загубивме нашите најблиски. Ви благодариме што ја кажувате вистината како што ја гледаме ние“, рече тој.

Стојанов раскажа дека кобната ноќ на 16 март бил дома со сопругата, додека нивниот син Андреј претходно бил во Скопје со својата девојка, која е од Штип.

По враќањето, Андреј ја оставил девојката во Штип, а потоа се договорил да се сретне со својот пријател, професионален фудбалер кој играл за ФК Шкупи и кој исто така го загуби животот во трагедијата.

„Само ѝ кажал на мајка му дека ќе наврати во градот за да се види со својот другар“, раскажа Стојанов.

Кога избувнал пожарот, девојката на Андреј се разбудила и на телефонот видела објави дека се бара помош во Кочани. Таа веднаш се обидела да стапи во контакт со него, но телефонот само ѕвонел.

Потоа ја повикала и неговата мајка, по што родителите забележале дека Андреј не е дома.

„Веднаш со автомобилот тргнавме кон градот и кон дискотеката“, раскажа Стојанов.

Кога пристигнале, прво отишле во болницата во Кочани, заедно со таткото на другарот на Андреј.

„Во болницата беше хаос, гужва на сите страни“, вели тој.

Стојанов носел фотографија од својот син за да може полесно да го пронајде. Во меѓувреме, неколку млади кои биле во дискотеката му рекле дека го виделе Андреј како излегува од објектот.

Според нивните сведоштва, дел од младите биле пренесени до болницата со такси-возило. Кога пристигнале, уште немало голема гужва, па тргнале пеш кон болницата.

„Едно девојче му рекло на таксистот дека ги изгубила парите и немаат со што да платат, а тој им рекол дека ништо не треба, само да одат во болница“, раскажува Стојанов.

Таксистот веднаш се вратил назад по нови повредени, додека младите се упатиле кон болницата.

Сепак, кога родителите пристигнале во болницата, им било кажано дека таму нема лице со такво име.

„Ни рекоа дека нема таква особа и да бараме на друго место“, вели Стојанов.

Поради тоа, неговата сопруга и таткото на пријателот на Андреј заминале во Штип, а потоа и во Скопје, барајќи информации дали нивните деца се пренесени таму.

Во меѓувреме, во Штип бил пронајден другарот, додека мајката на Андреј се вратила назад во Кочани.

Стојанов раскажа дека со часови се обидувал да добие информации во болницата, но никој не им дозволувал да влезат.

„Инсистиравме некој да ни ја каже вистината, но немаше никакви информации“, рече тој.

Подоцна, според информациите што ги добиле, се покажало дека нивниот син цело време се наоѓал во болницата во Кочани.

По долго инсистирање и молби, на мајката на Андри ѝ било дозволено да влезе внатре.

„Мене ме оттурнаа и не ми дозволија да влезам, под притисок од полицијата“, раскажува Стојанов.

Кога влегла, мајката се соочила со најтешкиот момент во својот живот.

„Имало многу починати деца во болницата, сите биле во редови. Нашиот син лежел на болнички кревет, без изгореници, без повреди. Само не дишел“, рече Стојанов.

Тој додаде дека трагедијата на 16 март засекогаш им го променила животот.

„Како родители го загубивме највредното и најдрагоценото. Во име на парите и криминалот, некој ни го одзеде детето и уште 62 млади животи“, истакна тој.

Според него, на семејствата на жртвите им останале само болка, тага и непребол.

„Додека сме живи, таа болка нема да исчезне. Ние како родители сме оставени само да функционираме, но сè убаво во животот ни е одземено“, порача Стојанов.