Влатко Соколов, татко на Стефанија, која загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, и полициски службеник, во гостување во Отвореното Студио на 4ТВ.мк ја раскажа неизмерната болка и ужасот кој го доживеал додека се обидувал да ја најде својата ќерка меѓу жртвите.
„Гледав лево-десно, гледав да ја најдам мојата ќерка. Одев полека, пазев да не ги газам телата на оние што не преживеаја. Сè беше наредено, телата поставени едно до друго, и волонтерите и колегите се ангажираа максимално“, рече Соколов.
Тој опиша дека додека ја барал Стефанија, знаел каде би можела да биде и се надеваше дека ќе ја најде жива. „Чекав да видам само уште едно ќоше. Само што поминав два-три чекори, ја видов нејзината кондура – немаше пулс, немаше ништо“, изјави таткото со солзи во очите.
Соколов раскажа дека бил во униформа и дека во тие моменти секоја одлука можела да биде живот или смрт. „Не знаев што да правам, се обидував да ги водам телата, но болката за мојата ќерка беше неиздржлива. Кога ја препознавме во болницата, таа болка не може да се опише“, рече тој.
Таткото на Стефанија посочи дека трагедијата не засегнала само неговото семејство, туку целиот град и пошироко. „Мала заедница, голема трагедија, која остави траен белег во животите на сите нас“, заклучи Соколов.
